Горди на одржаниот Економски форум „AI во македонската економија – Нови хоризонти за раст и развој”. Над 150 членови и пријатели на Ротари слушнаа уникатни искуства и корисни информации од врвни експерти за примената на вештачката интелигенција во економијата и нејзиниот потенцијал за поттикнување на економскиот раст и развој на Македонија
.
Панелистите Томе Ефтимов, менаџер за Вештачка интелигенција во TeamLift, Димитар Трајанов, истражувачки професор на Универзитетот во Бостон, Ивана Саздовска, менаџер за операции во Pixyle.ai, и Христијан Ѓорески, водечки научник за вештачка интелигенција во Emteq, ги запознаа и дискутираа со присутните за начините на интеграција на ВИ во деловните процеси, етичките и регулаторните аспекти, и за поттикнување на иновациите и претприемништвото преку користење на вештачка интелигенција .
„Ни претставува огромно задоволство и чест што како Ротари клуб со овој Економски форум дадовме значаен придонес за доближување на темата Вештачка интелигенција до компаниите и до сите заинтересирани граѓани. На форумот беа разменети идеи, искуства и предлози за тоа како македонската економија може најдобро да се адаптира на глобалните трендови и да го искористи потенцијалот на ВИ за унапредување на продуктивноста и конкурентноста. Како Ротари клуб сме секогаш посветени на менување на општеството на подобро и верувам дека овој форум е уште еден придонес во таа насока“, изјави Искра Ветаџоковска, претседател на Ротари клуб Скопје Центар.
Форумот беше посебно значаен бидејќи им овозможи на учесниците да дознаат за конкретна примена на вештачката интелигенција за зголемување на ефикасноста, продуктивноста и конкурентноста и за остварување одржлив развој
.
Со овој форум Ротари клуб Скопје Центар ја продолжи традицијата, со која еднаш годишно собира на едно место истакнати експерти, членови на Ротари и бројни наши пријатели за да дискутираат и разменат корисни искуства за актуелни теми и состојби во општеството .








